• Саше Љолес
Возачот на Ферари, Луис Хамилтон, изјави дека неговото огромно искуство во Формула 1 би можело да биде клучен фактор во евентуалната борба за шампионската титула оваа сезона, но истакна дека во моментов целиот фокус е насочен кон секоја трка поединечно.
Седумкратниот светски шампион пристигнува во Шпилберг во одлично расположение откако на претходната трка во Барселона ја забележа својата прва победа во болидот на Ферари. Со тој триумф, Хамилтон се искачи на второто место во генералниот пласман и ја намали негативата во однос на лидерот Кими Антонели од Мерцедес на 41 бод.
Британецот воедно ја прекина доминацијата на Мерцедес, чии возачи победија на првите шест трки од сезоната, што дополнително ги разгоре надежите кај неговите навивачи дека може да се вклучи во битката за рекордната осма шампионска титула.
„Кога станува збор за титулата, нема да дозволам тоа да ми го одвлекува вниманието. И претходно сум бил во вакви ситуации и добро знам што треба да направам. Пред нас е долг пат. Во овој тркачки викенд не размислуваме за шампионатот, туку само за тоа да го извлечеме максимумот од болидот и од нашиот настап“, изјави Хамилтон пред новинарите во Шпилберг.
Тој ги повика членовите на Ферари да продолжат со напорната работа и да не се откажуваат од борбата со Мерцедес, кој во моментов има предност во шампионатот.
Трката за Големата награда на Австрија ќе се вози во недела од 15:00 часот на патеката „Ред Бул Ринг“, каде што Хамилтон ќе се обиде да ја продолжи победничката серија и дополнително да ја намали разликата во генералниот пласман.