Хамилтон возел со ужасни болки, неизвесен за трката за ГН на Канада

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, британскиот возач Луис Хамилтон, може да не настапи на трката за Големата награда на Канада која следна е на програмата.

Возачот на Мерцедес имаше солидна трка, заврши како четврти во Азербејџан, меѓутоа има здравствени проблеми. Хамилтон откри дека чувствувал големи болки во грбот и едвај ја довозел трката.

„Трпев и ги стегав забите за време на трката, додека се ме болеше. Но, адреналинот да бидам меѓу најдобрите ми помогна“, изјави Хамилтон.

Дека Хамилтон има здравствен проблем потврди и Тото Волф, првиот човек на Мерцедес, кој кажа дека се разгледуваат опциите за следната трка.