Хамилтон во Истанбул ја освои седмата титула и се израмни со Шумахер!

Луис Хамилтон ја освои седмата титула во Формула 1, откако беше најбрз на мократа патека во Истанбул и се израмни со легендарниот Михаел Шумахер на вечната листа. 

Британецот, иако долго беше во подредена улога и не можеше да го контролира брзиот болид на трката за Големата награда на Турција, сепак на крајот покажа карактер и тимската стратегија беше подобра, па успеа да ги победи денес брзите Рејсинг Поинт. 

Второто место му припадна на Серхио Перез, кој извозе одлично, а неверојатен напредок имаа болидите на Ферари, па Фетел се искачи на подиумот во финишот на сметка на тимскиот колега Шарл Леклер. Двата болида на Ферари стартуваа на 11. и 12. позиција, па овој напредок е за секој поздрав.

Зад нив останаа Саинц, Верстапен, Албон, Норис и најголем „губитник“ беше Ленс Строл, кој почна прв и долго водеше, ама грешна одлука со пневматиците го чинеше многу. 

73-тата победа во тимот на Мерцедес на Луис Хамилтон му ја обезбеди седмата титула во Формула, четврта во низа и ја потврди доминацијата и надмоќта над останатите тимови и возачи. Инаку, британскиот возач сруши нов рекорд и сега го мина Шумахер во најмногу победи за една екипа.