Хамилтон: Срцето ми застана кога ми пукна гумата во последниот круг

Хамилтон

Луис Хамилтон ја зголеми предноста пред конкуренцијата во Формула 1 шампионатот, со победата на домашната трка во „Силверстоун“.

Возачот на Мерцедес со многу среќа и на три тркала прв мина низ целта. Сето тоа ќе беше поинаку, ако Макс Верстапен не влезеше во боксот да менува гуми во завршницата од трката. Тоа го чинеше Холанѓанецот нова победа во Ф1.

„Дефинитивно ми застана срцето кога видов што се случи со мојата гума. Само се молев да не ме натера да застанам целосно. За малку немаше да ги поминам последните два свиоци“, беа првите импресии на Британецот.

Тоа беше победа број 87 во кариерата на шесткратниот светски првак, кој полека чекори кон вечниот Михаел Шумахер и неговиот асполутен рекорд од 91 победа.

Следната Формула 1 трка е закажана за наредниот викенд и одново на легендарната патека во Велика Британија.