Хамилтон скокна десет места и ја доби жестоката битка со Верстапен во Бразил!

Верстапен

Луис Хамилтон победи на патеката „Интерлагос“ во Бразил и ја намали негативата во однос на Макс Верстапен во генералниот пласман. Сега бранителот на титулата стои на 14 бода зад лидерот, на три трки до крајот.

Возачот на Ред Бул ја задржа предноста на стартот и ја предводеше конкуренцијата во поголемиот дел од трката. На патеката набрзо се појави безбедносното возило, што му одеше во корист на неговиот ривал од Мерцедес. Тој веднаш скокна неколку места и стигна до третата позиција. Потоа го нападна Серхио Перез и започна да го брка лидерот.

Двете екипи кои се борат за титулата се одлучија двапати да влезат во боксот. Ред Бул се чинеше дека ја погоди тактиката, кога го натера Верстапен да влезе прв на 30 круга до крајот. Тоа му овозможи за нијанса да ја зголеми предноста во однос на Хамилтон и да си го отвори патот кон победата.

Водечките во генералниот пласман имаа близок контакт при еден дуел во 48. круг. Хамилтон нападна, но Верстапен не попушти, па и двајцата завршија надвор од патеката. Стјуардите ја испитуваа ситуацијата и на крај одлучија да нема казна за никого. Меѓутоа десет круга подоцна се случи моментот на одлука. Хамилтон тогаш беше успешен и ја искористи поголемата брзина за да направи победнички чекор на првата позиција.

Подиумот го пополни Валтери Ботас, кој одново заврши пред Перез од Ред Бул. Следната трка е закажана за една недела во Катар.