Хамилтон се откажа од преговорите за нов договор со Мерцедес

Хамилтон Луис

Актуелниот шампион во Формула 1 шампионатот, Луис Хамилтон, ќе почека уште некое време пред да потпише нов договор со екипата на Мерцедес. 

Британецот не сакаше да размислува на соработката со својата екипа, кога целиот свет се бори со пандемијата со коронавирусот.

„Искрено, имам чувство дека не е вистинско време да седнеме и да зборуваме за тоа. Кога размислувате колку луѓе во светот изгубиле работа, луѓе кои сега се невработени, да седнете и да преговарате за голем договор не е најважната работа што треба да ја направам во овој момент. Не се чувствувам пријатно, па ќе почекам одреден период“, рече шесткратниот светски првак.

Почетокот на новата сезона во Формула 1 одново донесе доминација на Мерцедес. Хамилтон убедливо води во генералниот пласман и тешко дека некој ќе може да го спречи да стигне до седмата титула и да го израмни апсолутниот рекорд на Михаел Шумахер.

35-годишникот се надева дека до крајот на кариерата ќе има можност да сруши уште многу рекордни достигнувања, кои ќе го стават на самиот врв меѓу великаните на овој спорт.