Хамилтон се извлече и нема да биде казнет за инцидентот со Албон 

Возачот на Ферари, Луис Хамилтон нема да биде казнет поради попречување на возачот на Вилијамс, Александар Албон за време на вториот слободен тренинг пред трката за Големата награда на Саудиска Арабија во Формула 1.

По тренингот, судиите оценија дека инцидентот на свиокот 17 не бил доволно „опасен“ и затоа немало потреба од опомена или казна.

Покрај Хамилтон и Албон, судиите ги слушнаа и претставниците на тимовите, заедно со податоците добиени преку видео материјали, телеметрија и тимско радио.

Утврдено е дека Хамилтон, седумкратниот светски шампион, непотребно му се мешал на Албон, додека тајландскиот возач на сослушувањето рекол дека не ја смета ситуацијата опасна и со тоа ја променил својата претходна изјава. Траката за Големата награда на Саудиска Арабија, која е петта од овогодинешниот календар на Формула 1, е закажана за в недела во 19:00 часот.