• Мартин Танасковски
Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон верува дека Ферари конечно располага со болид способен да се бори за победа на претстојната Голема награда на Италија во Монца. Италијанскиот тим викендов ќе настапи со ново унапредување на погонската единица, второ во текот на сезоната, откако ФИА му дозволи на Ферари да искористи две развојни надградби на моторот.
Минатата година Скудерија имаше разочарувачки настап на домашната трка, кога нејзините возачи завршија на четвртото и шестото место. Сепак, во значително поконкурентна сезона, очекувањата во Маранело се далеку поголеми.
„Монца секогаш е посебна. Тоа е најбрзата патека во календарот. Лани немавме болид со кој можевме да се бориме за победа, но мислам дека оваа година го имаме тоа“, изјави Хамилтон на настан во Милано, пренесува „Скај Спорт“.
Британецот е еден од најуспешните возачи во историјата на трката за Големата награда на Италија, со пет победи, колку што има и легендарниот Михаел Шумахер. Сепак, на своето прво појавување во Монца како возач на Ферари минатата сезона заврши на шестото место, во тешка дебитантска година во црвениот болид.
Хамилтон до својата прва победа со Ферари стигна во јуни на трката во Шпанија, а сега се надева на нов триумф пред домашните навивачи на Скудерија. Дополнителен фактор што би можел да оди во прилог на Ферари е казната за лидерот во шампионатот Кими Антонели, кој ќе стартува од последната позиција поради промена на моторот.
Трката за Големата награда на Италија на легендарната патека во Монца е закажана за недела со почеток од 15:00 часот.