Хамилтон рутински го освои Монако, Верстапен поради казна падна на четвртото место

Луис Хамилтон и неговиот Мерцедес стигнаа до нова победа во Формула 1 шампионатот.

Доминацијата во првенството Британецот ја потврди со трета победа во својата кариера низ улиците во Монако. Тој успеа да ја одбрани пол-позицијата на квалификациите и без поголеми проблеми прв помина низ целта.

Единственото возбудување на денешната трка се случи по 12 извозени круга. Тогаш Хамилтон влезе во боксот, а по него истото го сторија Макс Верстепан и Валтери Ботас. Нивните болиди имаа контакт по кој на второто место изби младиот Холанѓанец.

Сепак, тој не помина без казна поради несовесното возење. Стјуардите му одредија санкција од пет секунди. И покрај тоа тој продолжи да прави притисок врз лидерот до крајот трката, но не успеа да оствари претекнување. Поради казната на крај заврши на четвртата позиција, а подиумот го комплетираа Фетел и Ботас.

Редоследот во генералниот пласман не претпре промени, само што се зголеми разликата меѓу двата пилоти на Мерцедес на врвот.