• Мартин Танасковски
Дефинитивно може да се каже дека првата сезона на Луис Хамилтон во болидот на Ферари не ги оправда огромните очекувања што ја придружуваа сензационалната соработка објавена на почетокот на годината. Сезоната 2025, која заврши вчера, ќе остане запаметена како една од најбледите, ако не и најслабата во богатата кариера на седумкратниот светски шампион.
Во конечниот пласман Хамилтон ја заврши годината на шестото место со само 156 поени – негов најнизок вкупен учинок од воведувањето на сегашниот бодовен систем во 2010 година. Уште повпечатливо е што за првпат во кариерата заврши сезона без ниту едно појавување на подиум во главните трки. Единствените две освоени места на победничката платформа ги запиша во спринтовите во Кина и Мајами, каде што беше прв, односно трет. Во класичните Гранд при трки најдобар резултат му беше четвртото место, кое го повтори четири пати – во Емилија-Ромања, Австрија, Велика Британија и САД.
Проблемите на Британецот беа видливи и во квалификациите. Само пет пати успеа да го надмине тимскиот колега Чарлс Леклерк, а најдобриот квалификациски резултат му беше третото место во Мексико, зад Ландо Норис и Леклер. Сезоната ја заврши и со три последователни елиминации во првата квалификациска фаза, што вклучуваше и историски преседан – за првпат во својата кариера Хамилтон беше најбавен возач во една квалификациска сесија. Тоа се случи во Лас Вегас.