Хамилтон: Прекрасно е чувството да триумфираш на еден голем јубилеј

Пилотот на Мерцедес, Луис Хамилтон, изјави дека е среќен од триумфот на јубилејната 1.000-та трка, возена за ГН на Кина.

>>> ПОВРЗАНО - Луис Хамилтон победи на јубилејната 1.000-та трка во Формула 1!

Британецот стартуваше од втората позиција, но веднаш го презеде водството од Валтери Ботас и на крај сосема заслужено стигна до вториот триумф во новата сезона.

„Се разбира дека чувството да победиш на една вака јубилејна трка е посебно. Мојата победа добива на тежина, бидејќи Ботас во текот на целиот викенд беше навистина брз. На крајот најважно е што остваривме 1-2 победа, бидејќи тоа е многу важно за целиот тим. Сепак, не знаеме што нè очекува во продолжение и поради тоа не треба да бидеме еуфорични. Ферари може да го возврати ударот, а Ред Бул исто така е во игра. Сезоната ветува и мислам дека ќе биде возбудлива до самиот крај“, изјави Хамилтон.

Во генералниот пласман води Луис Хамилтон со 68 бода, а веднаш зад него со 62 поени е Валтери Ботас. Следната трка се вози низ улиците на Баку, за Големата награда на Азербејџан.