Хамилтон: Ова ми беше најтешка, а воедно и најдобра трка во кариерата

Светскиот Формула 1 шампион, Луис Хамилтон направи неверојатен подвиг овој викенд, откако и покрај сите потешкотии победи во трката за Големата Награда на Бразил. Тој беше дисквалификуван од квалификациите, на спринт трката тргна последен, а имаше и пет места казна за главниот настан на „Интерлагос“. Сепак, ги надмина потешкотиите и почнувајќи десетти победи на трката, а по неа изјави дека ова била најтешката и најдобра во неговата кариера. 

„Во пресрет на овој викенд не сметав дека толку ќе го смалиме заостанокот зад Макс. Работите одеа лошо и против нас, но мислам дека ова покажува дека никогаш не треба да се откажете. Мора да продолжите да се борите, така јас пристапив овој бикенд и од тоа црпев инспирација. Тргнав последен на спринтот и имав пет места казна, мислам дека ова ми беше најтешкиот викенд во кариерата. 

Сепак, знаев дека ќе го стигнам Верстапен во еден момент, тоа беше мојот став од стартот - „Доаѓам по тебе“. Не знаев дали е можно да се вратиме по дисквалификацијата. Само дадов се и дефинитивно, освен што ова беше најтешката, сепак беше можеби најдобрата трка во мојата кариера“, изјави Хамилтон. 

Британецот успеа да ја намали бодовната разлика во однос на Верстапен и сега таа изнесува 14 поени, па во последните три трки од календарот се очекува драма.