Хамилтон: Новите правила во Ф1 од 2021 се како „Брегзит“

Британскиот Ф1-возач Луис Хамилтон смета дека новонајавените правила во Формула 1 кои треба да стапат на сила од 2021 година се нејасни и дека не се знае како тие ќе делуваат на најбрзиот автомото спорт.

Новите правила треба официјално да бидат изгласани во октомври, кога Обединетото Кралство исто така ќе ја напушти Европската унија. Засега, не се откриваат повеќе детали на оваа тема, но Хамилтон смета дека не може да се утврди дали промените кои следат ќе донесат добро или лошо.

„Интересно е дека новите правила во Ф1 доаѓаат во 2021 година, а не се знае дали ќе донесат подобро или полошо. Тоа е исто како „Брегзит“, нешто што се случува моментално во Велика Британија. Кој знае дали ќе биде подобро или полошо. Ќе дознаеме кога ќе пристигнат“, изјави Хамилтон.

Луис Хамилтон е петкратен шампион во Формула 1, а според возењето оваа сезона се наоѓа на добар пат да ја освои и шестата титула во овој спорт.