Хамилтон: Катастрофата на Грожан нè потсети колку Ф1 може да е опасна

Седумкратниот Ф1-шампион Луис Хамилтон се огласи по катастрофата која ја имаше Роман Грожан и кажа дека е задоволен што колегата е добар. Французинот се заби во заштитната ограда, му експлодира болидот и жива среќа е што тој мина без повреди.

„Сцените беа навистина ужасни, но среќен сум затоа што ореолот во Ф1-болидот си ја заврши работата. Не знам каква беше силината на ударот, нештата можеа да завршат поинаку. Катастрофата која се случи треба да нè потсетува колку Ф1 може да биде опасна. Ние сме на пистата, организаторите го даваат најдоброто за нашата безбедност. Верувам дека овој спорт во иднина ќе биде уште повеќе безбеден“, изјави Британецот.

Хамилтон дојде до нова победа во Ф1-кариерата во Бахреин. Грожан се огласи од болница и кажа дека со него сè е во ред и дека нема скршеници или сериозни повреди.