Хамилтон израмни стар рекорд на легендата Аиртон Сена

Луис Хамилтон рекорди

Доминацијата на Мерцедес во Ф1 беше потврдена и на последната трка во Абу Даби. Луис Хамилтон ја оствари шестата победа во низа за својата екипа, по еден фантастичен викенд на патеката „Јас Марина“.

Британецот ја освои пол-позицијата и ниту еднаш во текот на трката не го загуби водството. Тоа го прави по 19-ти пат во кариерата, што е израмнување на рекордот на легендарниот Бразилец, Аиртон Сена.

Со текот на времето се очекува ова достигнување да падне, а со оглед на формата на актуелниот Ф1 шампион, тоа може да се очекува веќе на стартот од наредната сезона.

Исто така, Хамилтон го извози и најбрзиот круг на трката, со што по шести пат запишува т.н „Грен слем“. Апсолутниот рекорд му припаѓа на Џими Кларк (8).

Со 408 бода на крајот од сезоната, првиот возач на Мерцедес оствари личен рекорд во кариерата.