• Иван Димовски
Трката за Големата награда на Обединетото Кралство понуди многу возбудувања. Во услови на промени на време, дожд и сува патека во неколку наврати на крајот славеше Луис Хамилтон кој најумешно се провлече низ конкуренцијата.
Иако ова му беше дури 104 победа (што е рекорд на еден возач), Хамилтон беше премногу емотивен и не можеше да ги задржи солзите. Уште при првата радио порака со тркачкиот инжињер Британецот беше во солзи.
Потоа Хамилтон беше уште поемотивен кога се сретна со својот татко, а не ја заборави и публиката на култната „Силверстоун“ која секогаш му е ветер во грбот. И на официјалното интервју кое го водеше неговиот поранешен колега Џенсон Батон, ветеранот беше емотивен.
Lewis Hamilton was brought to tears after embracing his father after his win at Silverstone pic.twitter.com/2Gnm7HuHbP
— SportsCenter (@SportsCenter) July 7, 2024
„Не можам да престанам да плачам. Имаше денови од 2021 до денес кога мислев дека повеќе не сум доволно добар и кога не верував во себе. Секој ден работев напорно и се трудев барем уште еднаш да бидам на оваа позиција.
Ова ми е последна трка тука со Мерцедес и сакам да се заблагодарам на тимот за неверојатната поддршка. Благодарност и до навивачите. Ве гледав на секој свиок, ме водевте напред и вашата поддршка неизмерно ми значи“, прокоментира Хамилтон.
Ова беше победа за Хамилтон по пауза од 945 дена, откако претходно се радуваше во Саудиска Арабија во 2021. Тој стана прв возач кој дури девет пати победил на оваа патека, а од следната сезона ќе вози за Ферари.