• Иван Димовски

Формула 1 сезоната е на самиот почеток, меѓутоа веќе може да се претпостави нејзиниот тек. Макс Верстапен иако имаше турбуленции, веројатно без премногу потешкотии ќе дојде до трета последователна титула. Неговиот тимски колега Серхио Перез му парира на стартот, ама односот прв-втор возач е одамна поставен во Ред Бул.
Во моментов нема индиции дека било кој ривал може да го сопре двоецот на австрискиот тим. Едноставно, нивното темпо особено на трките е класа подобро од сите противници. Поради тоа, навивачите се одново незадоволни како во времето на доминацијата на Мерцедес. А, на оваа тема интересно мислење имаше токму дуото возачи на германската екипа.
„Секој ден се борам за да се вратам на врвот, така што од моја перспектива не е досадно. Сепак, ако би гледал како навивач, можам да разберам сè бидејќи нема многу натпреварување како што е случајот пример во НБА или НФЛ. Тоа не е до мене. Во овој спорт отсекогаш се обидувале тимовите да ги направат поблиски по брзина, но се чини дека тоа никогаш не функционира. Тоа што можам да кажам е дека работиме повеќе од било кога да го смалиме јазот“, прокоментира Хамилтон.
Малку поинаку на ситуацијата гледа неговиот колега Џорџ Расел. Помладиот Британец смета дека на страна водечките двајца, останатите возачи водат голема битка за место на подиумот, а тука ги вкрсти Мерцедес, Ферари и Астон Мартин.
„Трките кои ги имаме со Ферари и Астон Мартин секогаш се интересни. Од квалификациите, динамиката се зголемува како што доаѓа трката. Штета е што водечкото дуо се одлепи. Така што, заборавете на нив и гледајте ја битката за третото место, може да биде многу возбудлива“, изјави Расел.
Викендов требаше да се вози трката за Големата Награда на Емилија Ромања на „Имола“, меѓутоа поради огромните поплави истата е откажана.