Хамилтон: Горд сум на тимот, Ферари може да се бори со Мерцедес!

Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, изјави дека неговиот Ферари може да се бори со Мерцедес, особебно по охрабрувачкиот старт на сезоната на трката за Големата награда на Австралија во Мелбурн.

Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, победи на првата трка во сезоната, додека неговиот тимски колега Кими Антонели заврши на второто место. Третото и четвртото место им припаднаа на возачите на Ферари, Шарл Леклер и Луис Хамилтон.

„Многу сум горд на тимот. Направија неверојатна работа за да обезбедат ваков болид. Секако, не сме брзи како Мерцедес и нè чека многу работа, но сме во вистинска борба со нив.

Трката беше навистина забавна и се чувствував добро. Уште неколку круга и ќе го стигнев Шарл, имав одлично темпо. Можам да извлечам многу позитивни работи од денешната трка“, изјави Британецот. 

Хамилтон минатата година од Мерцедес премина во Ферари, но не се снајде најдобро. За првпат во кариерата немаше пласман на победничкиот подиум, заврши зад својот тимски колега, а италијанскиот тим го освои четвртото место во шампионатот на конструктори.