Хамилтон го шокира Мерцедес со личните услови за нов договор

Луис Хамилтон статистички е најдобар возач во Формула 1, важи за актуелен шампион, но во иднина тој би можел да не вози за Мерцедес затоа што двете страни, барем засега, не ја продолжија најавената соработка.

Се говореше дека Хамилтон и тимот ќе имаат средба и договор најдоцна до Божиќ, арно ама тоа не се случи. Медиумите на големо пишуваат на оваа тема, а се вели дека Британецот ги шокирал челниците на Мерцедес со своите барања.

Прв проблем при преговорите бил што Хамилтон за нов договор бара 40 милиони евра годишно, со тоа што договорот мора да биде потпишан на четири години. Тоа автоматски значи дека Мерцедес ќе треба да му исплати 160 милиони евра и да го направи најплатениот возач во историјата на Ф1.

Во ситуација кога Мерцедес бележи голема загуба поради кризата со коронавирусот, таквите барања се невозможни. Хамилтон наводно побарал и 10% од наградниот фонд кој тимот ќе го заработи ако освои титула кај конструкторите.

Засега, овие услови се нереални, па останува да видиме дали двете страни ќе најдат заеднички јазик. Луис Хамилтон е рекордер, а низ годините доминира во најбрзиот автомото спорт.