Хамилтон: Формула 1 немала возач како мене, јас сум поинаков од сите!

Британецот Луис Хамилтон не размислува за скоро заминување од Формула 1. Седумкратниот светски шампион верува дека сè уште може да се натпреварува на највисоко ниво и не ја исклучува можноста да биде дел од најбрзиот автомобилистички циркус и во следната деценија.

Британецот неодамна откри дека една од причините поради кои сака да ја продолжи кариерата е остварувањето на неговиот долгогодишен сон - тркање во Африка. Формула 1 веќе потпиша десетгодишен договор со Руанда, со план за враќање на континентот на почетокот на 2030-тите, за првпат по 1993 година.

Хамилтон тогаш ќе има најмалку 45 години, но смета дека возраста не треба да биде пречка за неговите амбиции. На прес-конференцијата пред Големата награда на Мексико испрати и интересна порака за сопствените квалитети.

„Формула 1 во своето 70-годишно постоење немала никого како мене. Едноставно, поинаку сум создаден“, порача возачот на Ферари.

Тој посочи дека и покрај годините сè уште може да им конкурира на многу помладите возачи, потсетувајќи на своите реакции во последната трка.

„Со годините доаѓаат предизвици што сега не можам да ги предвидам. Но, низ кариерата постојано слушав дека рефлексите се намалуваат со возраста. Дали го видовте моето време на реакција на претходната трка? Беше подобро од она на некои од најмладите возачи“, изјави Хамилтон.

Британецот додаде дека сè додека има мотивација и е подготвен да ги направи потребните жртви, ќе остане целосно посветен на Формула 1.

„Не можам да гарантирам дека и по четири години ќе сакам да го правам истото, но во моментов сум целосно посветен. Времето ќе покаже дали ќе бидам тука и во 2030-тите. Не сакам да продолжам подолго отколку што треба, особено ако не можам да ги одржам перформансите. Минатата година многумина веќе ме отпишаа, но им докажав дека грешат. Ќе продолжам да се трудам тоа да остане така“, истакна возачот на Ферари.

По потешката прва сезона во црвениот болид, Хамилтон во актуелната кампања има далеку попозитивни моменти, меѓу кои и победата на Големата награда на Каталонија во јуни.

Следниот предизвик за него и останатите возачи е трката за Големата награда на Мексико, која е на програмата в недела од 21:00 часот.