• Мартин Танасковски

Канадскиот град Монтреал пред неколку години донесе изненадувачка одлука да се повлече од кандидатурата за домаќин на натпревари од Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико. Иако домаќинството на Мундијалот вообичаено се смета за голема привилегија и можност за промоција на градот, властите во Монтреал процениле дека условите поставени од ФИФА се преголем товар од финансиски и организациски аспект.
Тогашната министерка за туризам на провинцијата Квебек, Каролин Прул, објаснила дека трошоците за организација би биле енормни. Според барањата на ФИФА, „Олимпискиот стадион“ во Монтреал требало да биде ставен на располагање речиси три месеци, додека тревната подлога би била недостапна дури две години поради неопходните подготовки и реконструкции. Дополнително, светската куќа на фудбалот барала контрола врз повеќе клучни локации во градот во периодот од мај до јули, што сериозно би влијаело врз редовното функционирање на Монтреал.
Еден од најголемите проблеми била и забраната за организирање големи спортски настани една недела пред и една недела по финалето на Светското првенство. Таквата одлука директно би ги загрозила традиционалните манифестации по кои е препознатлив градот, меѓу кои се и трката од Формула 1, Големата награда на Канада, светски познатиот џез фестивал, Монтреалскиот триатлон и фестивалот „Франко де Монтреал“.
На крајот, градските власти одлучиле дека е поисплатливо да ги задржат постојните настани, особено трката во Формула 1, која годинава привлече рекордни 360.000 посетители. Хотелите биле резервирани со месеци однапред, рестораните исполнети до последно место, а економскиот ефект за градот бил огромен.