„Господин сабота“ пак најдобар, дуото на Ферари покажа одлично темпо во Лас Вегас

„Господин сабота“, како што љубителите на Формула 1 го нарекуваат Шарл Леклер, одново беше прв на квалификации, овојпат за трката на Големата награда на Лас Вегас. Возачот на Ферари беше најбрз и на единствениот петочен тренинг, а тоа го потврди со време од 1:32,726 по круг. 

Второто место го зазема Карлос Саинц, потврдувајќи ја одличната форма на Ферари во Лас Вегас. Шпанецот „доцнеше“ само 0,044 секунди зад својот тимски колега, меѓутоа поради вчерашниот инцидент во кој доби оштетување на болидот, мораше да менува компоненти и беше казнет. Така Саинц ќе стартува од 12 позиција на гридот, иако е малку неправедно што го санкционираа, а воопшто не беше виновен.

Третото место си го обезбеди шампионот Макс Верстапен, кој сепак немаше темпо да го загрози двоецот од Ферари. Зад него се пласираа Расе, Гасли, Албон, Сарџент, Ботас, Магнусен и Алонсо. 

Изненадувачка беше елиминацијата во вториот сегмент квалификации за Хамилтон и Перез, како и онаа на дуото од Мекларен (Норис-Пиастри) уште на почетокот во првата фаза.