• Саше Љолес
Поранешниот шампион во Формула 1, Дејмон Хил, даде помалку контроверзна изјава поврзана со славниот Михаел Шумахер и рече дека во најдобрите денови не можел да го поднесе Германецот и постојано му завидувал на успехот.
Хил и Шумахер важеа за добри пријатели, но Британецот сега малку ја изненади јавноста и рече дека буквално го мразел за време на секоја трка во сезоната.
„Имавме добро пријателство со Михаел, но за време на трките буквално се мразевме. Тоа ни даваше голема мотивација, затоа што само така можевме да стигнеме до тронот. Тој беше многу поуспешен, но и јас сум горд на своите остварувања.
Додека трае трката нема место за сожалување и емпатија. Кога имаш можност, мора да го мелеш ривалот и да му дадеш до знаење дека со тебе нема играчки. Шумахер беше мајстор за психолошки игри, на моменти се чувствував деградирано и поразено“, изјави Хил.
Дејмон Хил во кариерата само еднаш ја освои шампионската титула, додека славниот Шумахер дури седум пати се искачуваше на врвот, нешто што досега не успеа да го повтори ниту еден друг возач.