Формула 1 ја намалува максималната километража на трките

Формула 1 од сезоната 2027 ќе има ново правило за максималната должина на трките. Наместо досегашните 305 километри, трките ќе можат да бидат долги најмногу 290 километри, одлучи управата на натпреварувањето. 

Промени ќе има и кај временското ограничување. Во моментов трките имаат максимално траење од два часа, а доколку има прекин поради дожд или инцидент, вкупното време за завршување е ограничено на три часа.

Од 2027 година ова ќе биде заменето со „фиксно време за завршување“, кое ќе се одредува во зависност од условите и конкретната трка. Целта е, доколку дојде до прекин, да има поголема можност трката да продолжи и гледачите да можат да го проследат поголемиот дел од предвидената дистанца.

Времето за завршување нема да биде исто на сите патеки. На ноќните трки ќе постои поголем простор за продолжување, додека кај дневните трки ограничувањето ќе биде поизразено поради раното заоѓање на сонцето.

Главната причина за скратувањето на дистанцата е промената во односот меѓу моторот со внатрешно согорување и електричната погонска единица. Односот од актуелните 53:47 ќе се промени на 58:42 во 2027 година, а во 2028 година ќе достигне 60:40.

Поради тоа, болидите ќе трошат повеќе гориво, што отвори дополнително прашање за тимовите кои планираат да ги задржат актуелните шасии и во следната сезона за да ги намалат трошоците. Бидејќи резервоарот за гориво е интегриран во шасијата, неговиот капацитет не може едноставно да се зголеми, па дел од тимовите би можеле да се соочат со проблем да ја завршат целата дистанца со постојните резервоари.

Дополнително, договорена е и промена поврзана со слободните тренинзи. Ќе има поголема флексибилност за нивно продолжување доколку дојде до прекин.

Според актуелните правила, времето на тренингот продолжува да тече и кога е истакнато црвено знаме поради инцидент. За разлика од тоа, кај квалификациите и трката, часовникот се запира за време на прекин.