Формула 1 2021: Незапаметено шоу за трофеј, Раиконен се прости од спортот

Формула 1 сезоната во 2021 година беше една од највозбудливите во историјата. Иако одново ниту еден тим не успеа да им парира на супер-брзите Мерцедес и Ред Бул, барем трката за титулата траеше до последните свиоци на патеката „Јас Марина“ во Абу Даби. Макс Верстапен успеа да ја прекине доминацијата на Луис Хамилтон. Холанѓанецот извозе неверојатна сезона, а иако неговото темпо падна во последните неколку трки, на крајот го посака среќата и првпат стана Формула 1 шампион.

Претендентите за титулата оваа година понудија многу драма, неколку директни судири и исфрлања од патеката. Помалку среќа во тие моменти имаше Верстапен. Возачот на Ред Бул доби оштетување по верижниот судир на „Унгароринг“, целосно беше исфрлен од трката на „Силверстоун“, а најлудо дефинитивно беше во Монца. Ниту еден од ривалите не попушти во првиот свиок, па тоа заврши со одлетување на Макс и слетување буквално врз главата на Хамилтон. 

Кулминацијата се случуваше во последните две трки. На претпоследната во Џеда имаше многу промени, а и еден судир по недоразбирање на Верстапен и Хамилтон. Од дуелот со крената глава излезе Британецот, па така се израмни со ривалот и со по 369,5 поени влегоа во последната трка. Лудата сезона со многу промени на врвот, неверојатен кам-бек на Хамилтон во трката на борбата и драма до последниот круг на последната трка заврши во корист на Ред Бул.Иако имаше спорни одлуки и ривалите беа незадоволни од дел од одлуките, мора да се нагласи дека кој и да победеше, заслужено ќе беше првак. Со судиска одлука која му помогна на Макс Верстапен, Ред Бул профитираше и иако цела трка во Абу Даби беше пред губење на титулата, во последниот круг Холанѓанецот со свежи гуми го грабна првото место за огромна радост. 

Прославениот фински возач, Кими Раиконен имаше неславен крај на својата кариера. Популарниот „Ајсмен“ кој во својата кариера еднаш беше Формула 1 првак (со Ферари) имаше викенд за заборав во Абу Даби. Прво доживеа судир на тренинзите, за потоа да не ја доврши трката и неславно да се прости од спортот. Раиконен ќе остане икона на Ф1 бидејќи освен добрите партии на патеката, беше обожуван од публиката поради своето однесување. Финецот немаше влакна на јазикот, често правеше шоу на тимското радио и беше омилен соговорник на репортерите. Со 21 победа, 103 пласмани на подиумот и десет бода во последната сезона со релативно слабиот болид на Алфа Ромео, Раиконен стави крај на кариерата. 

Вреди да се напомене и дебито на Мик Шумахер (синот на Михаел), кој доби шанса од Хаас да се бори во најбрзиот мото-циркус на планетата. Останатите тимови немаа сили да се тркаат со „главните“ Ред Бул и Мерцедес. Верстапен победи на десет трки, Хамилтон на осум, додека по еднаш во специфични услови победуваа Даниел Рикиардо, Естебан Окон, Серџо Перез и Валтери Ботас. Третото место кај конструкторите зад Мерцедес и Ред Бул, и признанието за „најдобар од останатите“ го понесе Ферари кој ја крена формата во однос на претходните сезони. 

Во 2022 година се очекуваат промени и нова ера. Болидите ќе добијат нов изглед, подобра аеродинамика и се очекуваат многу повеќе претекнувања.