• Иван Димовски
ФИА стави крај на дилемите околу „спорното“ предно крило на Мерцедес и официјално потврди дека нема прекршување на правилата.
По анализата што следеше по трката во Кина, каде што беше забележано невообичаено однесување на системот на предното крило, од светската федерација го прифатија објаснувањето на германскиот тим. Наместо нелегална предност, станува збор за технички проблем. Според регулативите, предното крило мора да функционира во две јасно дефинирани позиции и транзицијата меѓу нив да се изврши за максимум 400 милисекунди. Сепак, токму во Кина беше воочено дека крилото на Мерцедес во еден момент „заглавило“ во средна положба и процесот траел значително подолго од дозволеното.
Ова веднаш предизвика реакции кај конкурентите, кои го отворија прашањето пред ФИА и побараа детална проверка. Техничките експерти на федерацијата пред Големата награда на Јапонија ја завршија истрагата и утврдија дека причината е недоволен хидрауличен притисок, што го попречувал нормалното враќање на крилото.
Интересно е што од Мерцедес тврдат дека овој проблем воопшто не им носи корист. Напротив, според нив, ваквото однесување го нарушува балансот на болидот, особено при влегување во зоните за сопирање, што директно влијае негативно врз перформансите. Со ова, случајот е затворен, а Мерцедес без санкции продолжува кон следниот предизвик во сезоната.