Фетел ги надмудри Хамилтон и Ботас и во Баку ја освои третата пол-позиција во низа

Фетел Ф1

Лидерот во генералниот пласман во Формула 1 шампионатот, Себастијан Фетел, продолжи да доминира во квалификациите и денес стигна до третата пол-позиција во низа на патеката во Баку, Азербејџан.

Германецот утре ќе стартува од првата позиција откако извози најбрз круг и зад себе ги остави двата пилоти на Мерцедес, Луис Хамилтон и Валтери Ботас. Следуваат Даниел Рикиардо и Макс Верстапен од Ред Бул, а вториот возач на Ферари, Кими Раиконен, ќе започне од шестото место.

Трката за ГН на Азербејџан е четврта во овосезонскиот календар, а по првите три на врвот меѓу возачите е Фетел со девет бода предност пред минатогодишниот првак Хамилтон.