• Сашо Поповски

Германскиот пилот во екипата на Ферари, Себастијан Фетел, вели дека неговата екипа може да го достигне нивото на Мерцедес, па дури и да има и подобар болид. Германецот беше одличен во својата прва сезона во италијанската екипа, со 3 победи и дури 13 подиуми. На крај, тој ја загуби борбата за второто место против Нико Розберг, но вели дека е убеден во перформансите на Ферари наредната сезона. Фетел беше презадоволен од подобрувањето што го направи Скудерија оваа зима.
„Навистина е чудо каде почнавме во текот на зимата, нашите постигнати времиња како и заостатокот кој го имавме во Австралија. Но, во текот на сезоната не видов ниту една екипа со толку голем напредок. Го подобривме моторот како и самата шасија и тоа не донесе поблиску до Мерцедес, но не доволно блиску за да ги ставиме под притисок, но 100% верувам дека тие се победливи, особено кога се под притисок“ , вели Фетел.
Себастијан, исто така ја потенцира потребата од поголема концентрација на својата екипа, отколку постојано размислување што следно ќе направи Мерцедес.
„Нашата стратегија треба да биде свртена кон нас, како што беше и целата сезона. Изнудивме доста насмевки годинава, а доколку го зголемиме тој број во 2016 година, ќе биде добра вест за сите во екипата“, заврши Германецот.