Фернандез запиша втора победа, Бецеки до подиум на „Силверстоун“

Возачот на Трекхаус, Раул Фернандез, триумфираше на Големата награда на Британија, 12. трка од сезоната во Мото ГП шампионатот, која се возеше на патеката „Силверстоун“.

Шпанецот ја запиша својата втора победа во кралската класа и прва по триумфот на „Филип Ајланд“ во октомври минатата година. Воедно, Фернандез стана 12. различен победник на британското Гран При во последните 12 изданија на трката.

Фернандез низ целата трка беше недостижен за конкуренцијата. Веќе по првиот круг создаде предност од една секунда и сигурно ја контролираше ситуацијата до самиот финиш. На крајот низ целта мина со две и пол секунди предност во однос на Хорхе Мартин од Априлија.

Третото место му припадна на Марко Бецеки, кој и покрај неодамнешната скршеница на клучната коска успеа да стигне до подиум. Со тоа Априлија имаше одличен настап, обезбедувајќи двојно место на победничкиот подиум.

Мартин ја загуби првата позиција уште на стартот поради технички проблем со системот за подигнување на мотоциклот, но брзо се врати во ритам и на средината од трката го мина Бецеки за да го осигура второто место.

Најинтересна беше битката за третата позиција меѓу Бецеки и Алекс Маркес од Гресини. Шпанецот во неколку наврати се обиде да го нападне Италијанецот, но не успеа да стигне до место на подиумот.

Алекс Маркес заврши четврти пред Педро Акоста, додека шести беше Фабио ди Џанантонио. Актуелниот шампион Марк Маркес имаше тежок викенд и ја заврши трката на седмото место. Во првите десет се пласираа уште Бред Биндер, Лука Марини и Диого Мореира.

Трката ја завршија 16 возачи, а меѓу оние кои не стигнаа до целта беа Аи Огура и Франческо Бањаја.

Во генералниот пласман Хорхе Мартин останува лидер со 240 бодови, 31 повеќе од Марко Бецеки, додека Аи Огура е трет со 203 поени.

Следната трка од Мото ГП шампионатот е Големата награда на Арагон, која ќе се вози од 28 до 30 август.