• Мартин Танасковски
Екипата на Ферари привлече најголемо внимание пред четвртата трка од сезоната во Формула 1, откако пријави најмногу технички новини за својот болид SF-26 пред викендот во Мајами.
Италијанскиот тим претстави дури 11 нови компоненти, кои не се специфични само за оваа трка, туку се дел од поширок развоен пакет. Подобрувањата се насочени кон повеќе сегменти, како оптимизација на протокот на воздух, намалување на отпорот и зголемување на аеродинамичниот притисок, што треба да донесе подобри перформанси на патеката.
Веднаш зад Ферари по бројот на новитети се најде Кадилак со девет промени, додека Мекларен, Ред Бул и Вилијамс пријавија по седум нови компоненти. Интересно, Астон Мартин е единствениот тим кој не внесе никакви измени на својот болид пред почетокот на тркачкиот викенд.
Лидерот во генералниот пласман, Мерцедес, донесе само две нови компоненти, па останува да се види дали конкурентите ќе успеат да ја намалат предноста на „сребрените стрели“ со оглед на обемните надградби што ги направија останатите тимови.