• Горан Упале

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон добил интересна понуда. Челниците на тимот на Ферари се подготвени да му понудат договор вреден 40 милиони фунти за да биде во нивниот тим од следната сезона.
Претседателот на компанијата Џон Елкан наводно е во близок контакт со Хамилтон, чиј договор со Мерцедес истекува на крајот на годината.
Како што пренесуваат островските медиуми, Ферари има две опции со Хамилтон - првата е партнер во следната сезона да му биде Шарл Леклер, што би значело заминување на Карлос Саинц во друг тим.
Друга опција е да се жртвува Леклер за да се донесе Хамилтон, а тоа практично би било размена на места - Хамилтон би се приклучил на Ферари, а Леклер би бил со Џорџ Расел во Мерцедес. Сега се чека на Хамилтон, кој треба сам да одлучи, парите нема да бидат пресудни, бидејќи му нудат речиси еднакви услови.
Инаку, Британецот веќе имаше голема промена во кариерата кога во 2013 година од Мекларен премина во Мерцедес, со кој постигна голем успех. Формула 1 продолжува следниот викенд со Големата награда на Монако.