Ферари мисли на иднината, креира болид за 2022 година

Шефот на формула 1 тимот Ферари, Матиа Биното, соопшти дека механичарите и инженерите на Скудерија не мируваат и дека веќе го креираат болидот за следната сезона, тоа е 2022 година.

По две трки во 2021 година, Ферари се наоѓа на четвртото место во генералниот пласман, а од таборот на италијанскиот тим се задоволни од она што досега го виделе.

„Нашиот болид за оваа сезона ги оправдува очекувањата. Се претставивме добро и сите сме задоволни. Рака на срце, вистина е дека уште пред месец јануари ги насочивме силите кон изработка на новиот болид со кој нашите возачи ќе возат во 2022 година. За нас тоа е голем предизвик, поради промената на некои правила“, кажа Биното.

Следната трка во формула 1 шампионатот се вози на 2 мај, во Португалија. Возачите на Ферари, Чарлс Леклерк и Карлос Сајнц завршија на четвртото, односно петтото место на последната трка на легендарната „Имола“ во Италија.