Ферари го задржа „своето дете“: Леклер потпиша нов договор

Ферари ја продолжи соработката со Шарл Леклер. Tимот од Маранело потврди дека потпишал нов повеќегодишен договор со својот возач. Италијанскиот тим не откри детали околу времетраењето на новата соработка, но јасно стави до знаење дека Леклер останува еден од клучните столбови на проектот за иднината.

Возачот од Монако не го криеше задоволството по потписот, нагласувајќи дека Ферари за него претставува многу повеќе од обичен тим и дека уште од детството сонувал да ги брани боите на славната Скудерија.

„Не можам да бидам посреќен што го продолжувам моето патување со Ферари, кој за мене отсекогаш бил повеќе од тим. Тоа е тим кој го сакав и за кој сонував уште од детството, а по сите овие години ми стана второ семејство. Заедно споделивме неверојатни, но и тешки моменти. Верувам во овој тим повеќе од кога било и благодарен сум што ќе одиме кон заедничката цел, враќање на титулата светски шампион во Маранело.

Сон е да се биде возач на Ферари, но и одговорност. Ќе продолжам да давам сѐ од себе за да го вратам овој тим таму каде што му е местото, на самиот врв, за сите во Маранело, а најмногу за навивачите, чија страст е срцето на оваа Скудерија“, изјави Леклер

Леклер е дел од академијата на Ферари од 2016 година, а за првиот тим настапува од сезоната 2019. Досега има осум победи во Формула 1 и еден од најпрепознатливите возачи на денешницата.

Во актуелниот шампионат 28 годишниот Леклер се наоѓа на третата позиција во генералниот пласман со 75 бодови, а следниот предизвик ќе го има на трката за Големата награда на Монако.