Ферари доминантен на првите тренинзи на „Хунгароринг“

Формула 1 втор викенд во низа нуди трка на европско тло, по што ќе следи традиционалната летна пауза. Викендов се вози трката за Големата награда на Унгарија, на култниот „Хунгароринг“. 

Денес се возеа првите официјални слободни тренинзи, на кои додека се возеше на сува патека доминираа болидите на Ферари. Карлос Саинц имаше најдобро време на првиот тренинг, забележа најбрз круг од 1:18.750, оставајќи го зад себе актуелниот првак Макс Верстапен и тимскиот колега Шарл Леклер. 

На вториот тренинг, најдобар беше Шарл Леклер со време 1:18.445, а изненадувачки зад него заврши Ландо Норис кој „доцнеше“ 0.217 секунди. Карлос Саинц имаше трето време, пред Верстапен и Рикиардо. Интересно, двајцата возачи на Мекларен покажаа добро темпо во Унгарија. 

Сепак, темпото на возачите може да се смени бидејќи по долг период на суша, на патеката „Хунгароринг“ викендов се очекува дожд. Третиот тренинг утре е закажан од 13:00 часот, додека квалификациите се од 16:00 часот. Трката за Големата Награда на Унгарија е в недела од 15:00 часот.