• Иван Димовски
Поранешниот Формула 1 возач, Фелипе Маса соопшти дека и официјално поднесе тужба до Меѓународната автомобилска федерација - ФИА. Причината за тужбата е добро позната, исходот на сезоната 2008 во овој спорт, кога Бразилецот остана без титулата која на крајот ја освои Луис Хамилтон.
Станува збор за трката во Сингапур, која ја одбележа скандалот наречен „Crashgate“. Имено, докажано беше дека Пике Јуниор намерно заврши во бариерите за неговиот тимски колега Фернандо Алонсо да профитира и од 15. позиција на стартот да дојде до победа. Најголем губитник тогаш беше токму Маса, кој имаше пол-позиција и водеше во трката, но потоа следеше катастрофа која започна токму со судирот на Пике. Бразилецот имаше катастрофален пит-стоп, механичарите заборавија да го извадат цревото за гориво и тој го откорна со себе, па на крајот заврши на 13 позиција без бодови.
Неговиот ривал за титулата Луис Хамилтон заврши на третото место, создавајќи си предност на врвот. Сезоната имаше драматичен крај во кој на крајот се радуваше Британецот, па поради тоа ќе остане запаметена како една од највозбудливите во Формула 1.
Фелипе Маса сега пред судот во Лондон ја достави тужбата, во која бара отштета меѓу 64 и 150 милиони фунти, но и признание од ФИА дека погрешила во истрагата на судирот на Пике. Со самото тоа се губи и легитимитетот на трката. Доколку тоа се случи, првата шампионска титула на Хамилтон треба да биде избришана и да ја добие Фелипе Маса кој заврши само на бод зад тогаш младиот возач.