• Мартин Танасковски
И во наредната сезона на Формула 1 љубителите на брзината ќе можат да следат шест тркачки викенди во кои ќе се вози и спринт-трка. Организаторите потврдија дека концептот останува ист, возачите ќе имаат само една слободна тренинг-сесија и две квалификации, што дополнително ја зголемува неизвесноста и динамиката на секој ваков викенд.
Првиот спринт е закажан во Кина (13–15 март), по што следуваат трките во Мајами (1–3 мај) и Канада (22–24 мај). Во јули на ред е и легендарната „Силверстоун“ (3–5 јули), која повторно се враќа како домаќин на спринт-форматот. Последните два викенда ќе се возат на „Зандвоорт“ во Холандија (21–23 август) и во Сингапур (9–11 октомври).
Со тоа, промените во изборот на патеки се значајни. Оваа година спринтовите се возат во Кина, Мајами, Белгија, САД (Остин), Бразил и Катар. Новитети за 2026 година се Канада, Холандија и Сингапур, кои за првпат ќе бидат дел од овој формат.
ФИА и Формула 1 најавуваат дека во иднина би можело да има и дополнителни промени во правилата, но бројот на спринтови во календарот засега останува непроменет.