Ф1 и Мото ГП 2025: Норис ја прекина доминацијата на Верстапен, Маркез се врати на врвот!

Во 2025 година се случи пресврт во Формула 1, односно прекината беше хегемонијата и доминацијата на човекот кој четири пати по ред од 2021 наваму го освојуваше трофејот - Макс Верстапен. Шампионската титула ја грабна Ландо Норис кој со својот моќен Мекларен успеа да ја покори конкуренцијата прво во својот тим, но и претходниот првак Верстапен. 

Годината стартува со по една победа на возачите на Мекларен, Норис и Оскар Пиастри, а веќе на третата трка во „Сузука“ Верстапен покажа дека во вистински услови може да се истакне и победи. Следуваа три победи на Пиастри со кои стекна капитална предност пред својот тимски колега. До десеттата трка имаше само три победници, а тогаш во Канада првпат се радува и Џорџ Расел од Мерцедес. Оваа четворка победници не се менуваше до крајот на сезоната, која понуди многу возбудувања. 

Верстапен уште еднаш докажа дека никогаш не смее да биде отпишан, па иако делуваше дека е далеку од трката за титулата - победи на шест од последните девет трки. Холанѓанецот беше најбрз на последните три во шампионатот и на крајот ја загуби титулата за два бода. Ландо Норис издржа под притисокот на претходниот првак и на крајот од сезоната извозе колку што му беше потребно. Британецот од Мекларен се радуваше на својата прва шампионска титула во трка која се решаваше на последниот викенд во Абу Даби. 

Во 2026 следува промена на регулациите, нови болиди со нови погонски единици и различен изглед, но и целосно различен систем за аеродинамика. Останува да видиме кој тим ќе го „погоди“ новиот болидот по новиот систем правила и дали ќе има промена меѓу водечките. 

Што се однесува до Мото ГП, на тронот се врати неверојатниот Марк Маркез. Шпанецот кој имаше серија операции низ минатите години со својот Дукати беше доминантен, па на пет трки пред крајот на „Мотеги“ стана светски првак. Маркез оваа сезона победи на десет од 22. трки на календарот, но по освоената титула се повреди и беше на рехабилитација, па и тоа влијаеше на бројот на поени и победи.

Зад водечкиот Марк во шампионатот се пласира неговиот брат Алекс Маркез кој возеше за тимот на Гресини, а третото место го грабна Марко Бецеки од Априлија.