Ф1 2018: Хамилтон продолжи со доминацијата, крај за Алонсо, Ферари инвестира во иднината

Тимот на Мерцедес и Луис Хамилтон доминантно ја завршија и 2018 година, иако пред почетокот на новата сезона во Формула 1 од Ферари најавуваа крај на доминацијата на германскиот тим.

Петкратниот светски шампион, Луис Хамилтон, сезоната ја заврши со стил и победа на последната трка во Абу Даби, која беше негова 11-та во овогодинешниот шампионат, со што ја проби границата и стана првиот возач, кој освоил најмалку 400 бода во една сезона. 33-годишниот Британец сега има 73 победи во Формула 1 и се наоѓа на 18 триумфи од рекордерот Михаел Шумахер.

Иако на крајот Хамилтон титулата ја освои со 408 бода или цели 88 предност пред Себастијан Фетел, почетокот на сезоната не наговестуваше така убедлива титула за Британецот. Имено, токму Фетел победи на првите две трки и ги загреа фановите на Ферари дека конечно време е за враќање на Ферари на врвот, но италијанскиот тим едноставно потфрли во вториот дел од сезоната, каде Луис Хамилтон триумфира на осум од 11 трки и на крајот сосема заслужено по петти пат во својата кариера се искачи на највисокото место.

Покрај доминацијата на Мерцедес и освоените титули како во шампионатот на конструктори, така и во пласманот на возачите, измината 2018 година ќе биде запаметена и пензионирањето на легендарниот Шпанец, Фернандо Алонсо, како и по дебито на 21-годишниот Чарлс Леклерк, кој се очекува да биде предводник на новата генерација млади пилоти. Кими Раиконен во следната сезона нема да биде повеќе дел од тимот на Ферари, но за разлика од Шпанецот, Финецот останува во шампионатот и наредната година ќе вози за Заубер.

Претстојната 2019 година се очекува да биде далеку поизрамнета и конечно тимот на Ферари и Себастијан Фетел да водат рамноправна битка со Луис Хамилтон и неговиот Мерцедес. Исто така, 2019 година ќе го најави и враќањето на Роберт Кубица во најбрзиот циркус, осум години по неговата несреќа и повредата на раката. Полскиот пилот во новата сезона ќе биде дел од тимот на Вилијамс.

Новиот шампионат ќе стартува на 17 март и трката за ГН на Австралија, а ќе биде финиширан на 1 декември на патеката „Јас Марина“, во Абу Даби. Во новата сезона повторно главен фаворит ќе биде Луис Хамилтон, Себастијан Фетел ќе ја нема поддршката од Кими Раиконен, но ќе го има младиот Леклерк. Исто така, измени ќе има и во тимот на Ред Бул, каде по заминувањето на Даниел Рикардо во Рено, неговото место ќе го заземе младиот Пјер Гасли.