Еспаргаро победник на хаотичната трка во Барселона

Возачот на Априлија, Алекс Еспаргаро, успеа да заврши на првата позиција на хаотичната трка која се возеше во Барселона во рамки на МотоГП шампионатот.

До победата Шпанецот дојде на четири круга пред крајот, кога успеа да го мине тимскиот колега Маверик Вињалес, кој на крајот заврши на втората позиција. Третото место на подиумот му припадна на Хорхе Мартин од тимот на Прамак.

Трката ја одбележаа инциденти, на почетокот при еден од нив, паднаа пет возачи, па мораше да следи прекин. Потоа следеше уште еден судир, во кој Бањаја загуби контрола и падна на патеката, а врз неговите нозе мина Бајндер.

Инаку, ова беше прва МотоГП трка во историјата во која возачи на Априлија имаат „еден-два“ победа.