Еклстоун со совет за Хамилтон: Побарај пари од Ферари и замини во пензија!

Долгогодишниот сопственик на Формула 1, Берни Еклстоун (94), му порача на Луис Хамилтон веднаш да се пензионира. Британецот го повика својот помлад сонародник да бара исплата на целиот договор со Ферари пред „нешто лошо да му се случи“.

Остриот совет доаѓа во време кога иднината на Хамилтон е неизвесна по катастрофалната трка за Големата награда на Унгарија минатиот викенд.

Откако се квалификуваше на 12. место, додека неговиот клупски колега Шарл Леклер ја освои пол-позицијата, седумкратниот светски шампион се нарече себеси „апсолутно бескорисен“ и предложи Ферари да го замени. Еклстоун, долгогодишниот шеф на Формула 1, смета дека Хамилтон не треба повеќе да се трка.

„Луис е многу талентиран, беше и веројатно сè уште е. Но, како и многу водечки спортски личности кога ќе стигнат до врвот, има само една насока, и тоа не е добра насока. Таа е надолу. Луис е уморен, иако го прави она што отсекогаш го правел. Му треба пауза, целосно ресетирање за да направи нешто сосема друго. Можеби не мисли така, но ќе се навикне да прави други работи надвор од мото-спортот.

Би се измамил себеси ако продолжи. Треба да престане сега. Да бев на местото на Луис, ќе им кажев на челниците на Ферари дека сакам да ми биде исплатен целиот договор и ќе заминев во пензија“, рече Еклстоун.

40-годишниот Хамилтон е во првата година од тригодишниот договор со Ферари вреден 60 милиони фунти годишно, по сензационалниот трансфер од Мерцедес.