• Иван Димовски
Мотоциклистичката јавност е завиена во црно откако 17-годишниот шпански талент Пау Алсина го загуби животот по несреќа на тренинг на патеката Моторланд Арагон.
Младиот возач се подготвувал за следната трка во рамки на Јуниорско Гран при во ФИМ шампионатот кога доживеал тежок пад и бил исфрлен од моторот. Веднаш бил пренесен во болница во Сарагоса каде што бил подложен на итна операција, но и покрај напорите на лекарите, подлегнал на повредите во понеделникот.
Алсина оваа сезона дебитираше во оваа серија со тимот на Естрела Галиција и беше сметан за еден од најперспективните млади возачи во Шпанија. По првите четири трки се наоѓаше на 13. позиција во генерален пласман, а најдобриот пласман му беше осмото место на трките во Херез.
Минатата година имаше силна сезона во Европскиот Талент Куп со тимот Артбокс, а имал јасна цел: до 2030 година да се најде во МотоГП по стапките на својот идол Марк Маркез.