Еден од клучевите за успехот на Ред Бул си оди по две децении

Ред Бул се соочува со голем потрес во организацијата, откако се потврди дека долгодишниот советник на тимот, Хелмут Марко, си заминува по повеќе од две децении поминати во Милтон Кинс.

Искусниот австриски стратег беше еден од клучните луѓе зад проектот на Ред Бул уште од неговото формирање. Марко имаше огромно влијание врз развојот на тимот и подигнувањето на повеќе генерации таленти.

Марко беше директно вклучен во создавањето на системот што ги донесе Себастијан Фетел и Макс Верстапен до врвот на Формула 1, а неговото заминување претставува крај на една ера во шампионската структура.

Во тимот не кријат дека ги очекува период на реорганизација, бидејќи функцијата што ја извршуваше Марко има огромно значење во спортскиот и развојниот сегмент. Во својот мандат во Ред Бул тој беше вклучен во 417 трки во 20 години, а беше дел и од шест шампионски титули кај конструкторите и осум индивидуални трофеи.