• Иван Димовски

Новата сезона во Формула 1 започна по „стар рецепт“. Двоецот на Ред Бул, Макс Верстапен и Серхио Перез забележаа „еден-два“ победа на првата сезонска трка на патеката „Сахир“ во Бахреин. Возачите на австрискиот тим апсолутно доминираа, не дозволија никакво изненадување и го потврдија пласманот во квалификациите.
Макс Верстапен уште од самиот старт, по првите неколку свиоци се одлепи и практично возеше сопствена трка, бидејќи неговото место не беше загрозено во ниту еден момент. Перез пак, иако на стартот загуби позиција од Шарл Леклер, во продолжение со подобра тактика ја врати и заврши зад тимскиот колега.
Неверојатна трка извозе ветеранот Фернандо Алонсо, кој го обезбеди својот 99-ти подиум. Шпанецот извозе без грешка, а среќата го посака да добие безбедносно возило во вистински момент, па го мина сонародникот Карлос Саинц кој заврши како четврти. Ферари доживеа нова катастрофа, бидејќи освен што Саинц загуби место од Алонсо, Шарл Леклер имаше проблем и му откажа болидот, па не ја заврши трката.
На петтото место се пласира Луис Хамилтон, пред Ленс Строл од Астон Мартин. Следеа Расел, Ботас, Гасли и Албон во најдобрите десет. Изненадувачки поен за најбрз круг доби Гуанју Жу со својот Алфа Ромео.