Џовинаци разочаран: Судбината е сурова, парите диктираат правила во Ф1

Формула 1 тимот Алфа Ромео се реши во целост да го промени парот на возачи за следната сезона, па по заминувањето во пензија на Кими Раиконен и најавата за негова замена од Валтери Ботас, ќе има и друга промена. 

Антонио Џовинаци го загуби возачкото столче во тимот, на сметка на првиот кинески возач на гридот Гуанју Жу кој доаѓа од Формула 2. Италијанецот е разочаран за одлуката, а тоа го потврди со последната објава на социјалните мрежи. 

„Талент за Формула 1, болид, ризик и брзина. Сепак, судбината знае да е сурова, особено кога парите ќе ги диктираат правилата. Ова е моја прва фотографија во „болид“ од Ф1, а последната сè уште не е фотографирана“, напиша Џовинаци. 

Во Формула 1, Џовинаци извозе 60 трки во болидот на Алфа Ромео. Бидејќи тимот нема многу конкурентен болид, тој во главно се бореше да заврши во бодови, а најдобар пласман имаше пред две години во Бразил кога беше петти.