Џиролами немаше свој ден во Барселона, ПСС Рејсинг е вицепрвак на ТЦР Европа

Македонскиот тркачки тим ПСС Рејсинг се закити со сребреното одличје на трките во ТЦР Европа, откако Франко Џиролами немаше свој ден во Барселона и не успеа да се избори за титулата во овие серии. 

По проблемите во квалификациите, Џиролами тргна од долниот дел на гридот за првата трка, а тоа го искористи неговиот главен конкурент Микел Азкона и пред последната трка утре си ја обезбеди титулата. Аргентинскиот возач во редовите на ПСС Рејсинг имаше и технички проблеми, па заврши на 17. позиција денес, а утре ќе бара респектабилен финиш на сезоната. 

Сепак, и ова е огромен успех за македонскиот тим, бидејќи во огромната конкуренција успеа преку Џиролами да дојде до титулата вицепрвак.

Македонскиот претставник Виктор Давидовски имаше подобра трка, бидејќи заврши 11. Тој се наоѓа на 16. позиција во генералниот ранкинг и тешко дека ќе успее да го достигне Гаврилов по утрешната трка која е последна во ТЦР Сезоната.