Двократниот првак критикува: Сега секој може да седне во Формула 1 болид, нема предизвик

Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, повторно ја критикуваше насоката во која се движи спортот, посочувајќи дека новите болиди ја намалуваат улогата на возачот.

Шпанецот, кој настапува за Астон Мартин, смета дека технолошкиот напредок и правилата за 2026 година ја прават Формула 1 премногу предвидлива и „лесна“ за управување, со што се губи разликата меѓу врвните и просечните возачи. Алонсо посебно ги истакна активната аеродинамика и зголемената зависност од електричната енергија, кои според него го намалуваат човечкиот фактор и го претвораат возењето во повеќе стратешка отколку физичка дисциплина.

„Ако дојдеме до точка во која секој може да седне во болид на Формула 1 и да биде брз од првиот ден затоа што автомобилот прави сè наместо тебе, се соочуваме со многу сериозен проблем. Можеби не готвачот, но барем 50% од тимот би можеле да ги возат овие болиди. Доволно е да ја тргнеш ногата од гаста или да намалиш за батеријата повторно да се полни.

Повеќе нема никаков предизвик во брзите свиоци. Тешко е дека работите ќе се променат, затоа што секогаш ќе постои прашањето за моќта што се користи на правците и штедењето енергија“, изјави Алонсо.

Шпанскиот ветеран често удирал со критики до ФИА и Формула 1 кога тоа било потребно, а освен него гласен против новите прописи е и четирикратниот првак Макс Верстапен.