Дури и Хамилтон ја повика Серена да се врати на тенисот!

Потенцијалното враќање на Серена Вилијамс во светскиот тенис повторно ја раздвижи спортската јавност, а реакција имаше од ѕвездата на Формула 1, Луис Хамилтон, кој одамна е познат како голем љубител на тенисот.

Британецот ѝ испрати искрена порака на својата блиска пријателка, која повеќе наликуваше на писмо со длабока почит кон една од најголемите спортистки во историјата.

„Секогаш ѝ велам да се врати. Јас сум нејзин огромен фан. Таа е најголема на сите времиња, вистинска легенда. Беше неодамна на една од трките. Таа е и моја многу драга пријателка, што ми е огромна чест“, изјави Хамилтон.

Американската тенисерка, освојувачка на 23 грен слем титули, веќе поднела документи за да го активира процесот за официјално враќање на терен во 2026. Последен пат играше на УС Опен во 2022 година. Вилијамс повторно се пријавила за допинг тестирања, што значи дека во наредниот период може да биде подложена на случајни контроли како сите активни тенисерки.

Иако на Твитер ги демантираше шпекулациите дека планира кам-бек, малкумина поверуваа во тоа, бидејќи тешко постои друг мотив да се врати во антидопинг системот доколку навистина не размислува за нов почеток на Туру.