• Мартин Танасковски
Алекс Маркез од Грезини Дукати победи во спринт трката за Големата награда на Барселона, откако во драматичен финиш го совлада Педро Акоста од КТМ.
Маркез го презеде водството во третиот круг, додека Акоста накратко ја загуби втората позиција откако беше претекнат од Раул Фернандес во средишниот дел од трката.
Сепак, Акоста во осмиот круг успеа да ја врати втората позиција и потоа жестоко го нападна лидерот. Младиот Шпанец го стигна Маркез во последните кругови, но не успеа да изведе претекнување, па Алекс Маркез славеше со предност од нешто повеќе од една десетинка.
По финишот, Акоста видливо беше разочаран што за малку не успеал да стигне до победата. Трката не помина добро за Хорхе Мартин од Априлија, кој падна уште во третиот круг. Одличен камбек имаше Франческо Бањаја од Дукати, кој стартуваше од 13-тата позиција, а на крајот заврши шести.
На третото место заврши Фабио Ди Џанантонио од ВР46 Дукати, кој во завршницата успеа да се избори со Раул Фернандез за последното место на подиумот.