• Горан Упале

Познатиот италијански мотоциклист Андреа Довициозо е примен во Куќата на славните. Популарниот Дови не освои шампионска титула во кариерата, но беше пеколен возач на своето Дукати и лут ривал на Марк Маркез на секоја патека.
Во Мото 3 беше светски шампион, а по Мото 2 стигна до Мото ГП серијата, каде беше од 2008 до 2022 година.
Со Дукати трипати завршуваше на вицешампионското место, сите трипати поради „вонземјанинот“ Марк Маркез, кој возеше на неверојатно ниво. Многумина ќе ја паметат таа легендарна трка во Австрија која беше решена во дел од секундата.
Довициозо е жива легенда на Мото ГП шампионатот, а церемонијата по повод приемот во Куќата на славните се одржа на познатата патека Муџело во Италија. Во богатата кариера стартуваше на 346 трки, а покрај тоа забележа 20 пол-позиции и 103 подиуми, со 24 победи.