Доминантна победа на Петручи во Ле Ман, прв подиум во кралската класа за Алекс Маркез

Данило Петручи, возачот на Дукати, триумфираше на десеттата трка од овогодишниот шампионат во Мото ГП, која денес се возеше за Големата награда на Франција.

На дождливата патека во Ле Ман, попладнево Италијанецот стигна со својата прва овосезонска победа, а втора во кариерата. Најблиску до Петручи беше Алекс Маркез од Репсол Хонда, кој за првпат во кариерата се избори за подиум во кралската класа, а на двајцата на пиедесталот им се придружи Пол Еспаргаро, кој вози за КТМ.

Од самиот почеток, па до крајот на трката, Петручи беше маестрален, додека фантастичен беше и младиот Маркез, кој во клучните моменти покажа смиреност и заслужено се радува на својот прв подиум во кариерата. 

Поранешниот голем шампион Валентино Роси повторно разочара и трката ја заврши уште во раната фаза.